Премиерот Заев и министерот Хоџа на средба со претставници на тутунопроизводителите, договорeни чекори за постигнување повисока просечна цена на тутунот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа на средбата со Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунарски здруженија ги разгледаа можностите за излегување на барањата на производителите на тутун за да се оствари успешна завршница на годинешната реколта и повисока просечна цена на тутунот на ниво на целата држава.

Премиерот Заев и министерот Хоџа изразија согласност да се покрене иницијатива за укинување на четвртата класа, како и дополнителните класи тутун, за откуп од реколтата од оваа година, со што компаниите откупувачи ќе го дадат својот придонес за постигнување повисока просечна цена.

Премиерот Заев истакна дека тој и министерот Хоџа ќе ја интензивираат комуникацијата со овластените компании за откуп на тутунот за ова прашање, како и за конструктивен и флексибилен пристап во однос на категоризацијата на тутунот, вклучувајќи го овој пристап и кон проценката за одбиток за кој ќе се бара решение да не биде повисок од 5%.

На средбата со Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунарски здруженија, премиерот Зоран Заев истакна дека Владата ќе го следи откупот на тутунот на дневна основа и ќе ги примени достапните можности цената на откупениот тутун на ниво на целата држава да ја достигне просечната цена најмалку од 180 денари.

На средбата беше истакнато дека во интерес на тутунопроизводителите и на Владата е да продолжи динамиката на откупот со подеднакви количини од сите категории тутун како обврска и на производителите и на откупувачите за да се постигне поволна просечна цена.

Од страна на Владата, беше истакнато на состанокот, ќе продолжи инсистирањето компаниите откупувачи да ја исполнат својата обврска да ги откупат сите количини на кои се обврзаа со државата, а со тоа и со тутунопроизводителите.

Дополнително се потврди определбата на Владата до крајот на сезоната, откако ќе заврши откупот на договорените количини за оваа година, да се исполни и обврската да се откупи и вишокот тутун од оваа година.

Премиерот Заев и министерот Хоџа го прифатија и барањето на тутунопроизводителите за измени и дополнувања на Законот за да се избегнат во иднина дел од прашањата што се појавија со годинешната реколта на тутунот, вклучувајќи и тоа откупувачите да бидат законски обврзани да им потпишат договори за нова реколта со исти количини од претходната реколта на сите тутунопроизводители кои при проценка на Второстепената комисија  добиле подобра проценка на тутунот.