Николоски: Договорот кој Димитров и Заев го потпишале нема никаква обврска за Бугарија да и помогне на Македонија да стане членка на Европската унија

Во Вестите на Канал 5 телевизија денеска гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој во врска со договорот со Бугарија кој Заев и Димитров го потпишале, истакна дека лажни се тезите на власта дека договорот со Бугарија ја обврзува да и помогне на Македонија да стане членка на Европската унија, како и дека Димитров е главниот архитект за неуспехот на евроинтеграцијата на Македонија.

-Вчера македонската јавност имаше прилика да види зошто македонската интеграција доживува целосно фијаско, практично направивме еден јасен пресек зашто Македонија четири години со Димитров и со Заев не почнува преговори со Европската унија, зошто четири години тој фамозен датум за почеток на преговори никој не може да го види и не знае кој е тој датум затоа што едноставно го нема, и уште не е извесно дали воопшто Македонија ќе почне преговори – истакна Николоски.

Тој објасни дека основна причина зошто Македонија не почнува преговори е немањето на реформи, како и суштинска борба со организираниот криминал и корупција, како и сервисниот однос кон Бугарија, кој сега е предмет на разни условувања.

-Вчера не добивме никаков одговор во однос на можеби клучната работа во договорот со Бугарија, имено тезата на Димитров и Заев е дека со договорот со Бугарија, таа се обврзала да и помогне на Македонија да стане член на Европската унија, а тоа не е точно затоа што во Членот 2 од договорот се вели дека бугарската страна ќе ги сподели своите искуства во процесот на евроинтеграции, повторувам ќе ги сподели своите искуства, што е многу различно од поддршка за членство.

Николоски вели дека ова јасно покажува дека во тој договор кој го потпишале со Бугарија нема никаква обврска, како и дека нема никаков гарантен механизам што доколку Бугарија е го почитува договорот, како што сега се случува.

-Затоа сметаме дека Димитров е главен архитект на овој неуспех кон Европската унија – посочи Николоски во вестите на Канал 5 телевизија.