Хоџа:АФПЗРР веќе ги обработува барањата за исплата на субвенции по сите мерки, ќе следат и повиците за Млад земјоделец, 10 000 евра и рурална жена

Во интервју за Локално.мк министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа говори за актуелните случувања во агрокомплексот, исплатата на субвенциите, очекуваните повици за мерките на Владата, за најавениот протест на оризопроизводителите и други актуелности.

Владата ги донесе Програмите за директни плаќања и за Рурален развој. Што да очекуваат земјоделците, кога ќе има исплати на субвенциите, кога ќе се распишуваат новите повици за популарните Млад земјоделец, Рурална жена, механизација, новата мерка 10.000 за нов агробизнис, со оглед на тоа дека во рамки на едно интервју, оризопроизводителите конкретно посочија дека не добиле се уште субвенции предвидени за изминатата година, и дали е тоа случај со повеќето земјоделци?

-Реализацијата на мерките и од Програмата за директни плаќања и од Програмата за Рурален развој е почната. Исплатата на субвенциите за земјоделство по Програма 2020 се одвива тековно. Агенцијата, веќе ги обработува барањата за исплата на субвенции по сите мерки. Само за поледелски култури, во кои припаѓа и оризот, треба да се обработат 20.000 барања. Откако ќе бидат обработени податоците, на сите кои правно – законски ги исполнуваат условите, средствата ќе им бидат исплатени.

Што се однесува до повиците за Млад земјоделец, Рурална жена и останатите кои ги споменувате, повиците треба да се реализираат во наредниот период. Секако, согласно Програмата и обезбедените средства за секоја мерка огласот ќе биде објавен, а  како и досега ќе бидат известени сите заинтересирани дека повикот е отворен, со цел да се подготват со потребната документација и во предвидениот рок да аплицираат.

Интервјуто во целост на Локално.мк