И покрај вакцинирањето во соседна Бугарија денеска вртоглав број на новозаразени лица

Во Бугарија во последните 24 часа се регистрирани нови 1.925 случаи на инфицирани со коронавирус, од извршени 13.695 тестови, покажуваат податоците на специјализираниот портал за информации.

Од изнесените податоци се гледа дека има 14 отсто позитивни примероци, а повеќето од новозаразените се идентификувани со брзите анализи на антиген.

По отворањето на „зелените коридори“ за време на викендите значително е зголемен бројот на вакцинирани лица. Повеќе од 130.000 лица веќе ја примиле првата од двете дози на вакцината. Од нив, само во последните 24 часа вакцинирани се 11.709 лица. Втората доза од вакцината досега ја примиле 27.952 лица.

Данчо Пенчев, директор на регионалниот здравствен инспекторат во Софија, за Бугарската национална телевизија изјави дека во март секој бугарски граѓанин ќе може да избере со која вакцина ќе се имунизира.

-Нема логистички проблеми поврзани со вакцините во Софија, категоричен е Пенчев.

Во моментов, инспекторатот во Софија има над 5.000 дози на „Астра Зенека“. Во четврток се очекуваат 12.000 дози на вакцините на „Модерна“, а околу 53.000 вакцини на „АстраЗенека“ ќе пристигнат до крајот на неделата, додека следната недела се очекуваат повеќе вакцини „Комирнат“ и „Фајзер“.

Во Бугарија во март се очекува да влезат над половина милион дози од различни видови вакцини. Тогаш е сосема можно да се достигне точката кога секој граѓанин на Бугарија би можел да избере вакцина со која ќе се вакцинира.

Според Пенчев, има доволно вакцини и, доколку е потребно, ќе се изврши преместување од други делови на Бугарија за да се задоволат потребите на Софија.

Бугарија количествата и видовите вакцини ги прима во зависност од договорените односи на Европската унија и на Европската комисија со производителите.

И бугарските матични лекари од вчера се приклучија кон масовната вакцинација против Ковид-19 во земјата.