Лага е дека кочиме мерки, Законите за поддршка на бизнисот владата ги усвои на 17 февруари, а во Собрание се најдоа на 23 март- чекаа толку време да го наполнат Буџетот преку задолжување

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вечерва беше гостин во централниот Дневник на Сител телевизија каде што говореше за актуелните скандали на власта кои никако да запрат. Исто така се осврна и на владејачкото мнозинство и петтиот пакет на мерки.

„Има две дела прво во однос на функционирањето на Собранието, никој не му е крив на Зоран Заев што направи Влада со 62 пратеника само, а се однесува како да има 82. Значи во услови кога има Влада само со плус еден пратеник од потребното не може Владата да има никаков дијалог со опозицијата, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со останатите опозициони партии. И за тоа не може да очекува поддршка за своите проекти во Собранието“, рече Николоски.

Николоски обелодени ексклузивно за дневникот на Сител дека Владата петтиот пакет на мерки ги доставува во Собранието на 17-ти февруари, а Талат Џафери ја закажува седницата на 23-ти март.

„Во однос на пакетот економски мерки сакам можеби ексклузивно за Сител да развијам една фама која што се појави во јавноста. Ќе одам со факти, мерките ги претстави Зоран Заев на почетокот на февруари, во Собранието се испратени на 17-ти февруари, Талат Џафери како претседател на Собранието избран од мнозинството закажа седница на која што ги стави на дневен ред овие мерки дури на 23-ти март. Значи Владата ги доставува на 17-ти февруари, а Џафери ја закажува седницата на 23-ти март. И тоа е во договор со владејачкото мнозинство за тоа што секогаш владејачкото мнозинство се координира помеѓу себе кои точки да бидат на дневен ред“, нагласи Николоски.

Николоски посочи ВМРО-ДПМНЕ уште на почетокот нагласи дека сите мерки кои што ќе помогнат на граѓаните ќе ги изгласа.

„Талат Џафери намерно ги закажа после месец и една недела, и ќе кажам зошто, за тоа што власта кога ги поднесе овие мерки немаше пари и доколку беа усвоени во Собранието што ќе беа ќе ги подржеше и ВМРО-ДПМНЕ, ќе немаа утредента да исплатат поддршка за февруари и следствено за март. За тоа чекаа да помине еврообврзницата од енормни 700 милиони евра за го да го наполнат Буџетот, за тоа што во Буџетот имаа дупка бидејќи не знаат да го планираат истиот Буџет. Паралелно на тоа направија голема пропаганда дека ВМРО-ДПМНЕ го кочи процесот, јас еве вечерва кажувам можеби е наша грешка што порано не ги презентиравме овие факти, но фактите се тие дека законите се испратени на 17-ти февруари, а седницата е закажана на 23-ти март“, рече Николоски.