Филипче: Со умерена рестрикција направивме да нема експоненцијален раст на бројот на новодијагностицирани

Целта на рестриктивните мерки беше да се ограничи движењето и комуникацијата на една критична категорија граѓани, кои како трансмитери беа идентификувани во делот на епидемиолошката слика, анкетите, а тоа беа помладите кои се собираа на јавни површини, паркови после завршувањето на работата на угостителските објекти и скоро секогаш без почитување на превентивните мерки, носењето маски, одржувањето дистанца итн.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека и во овој балансиран пристап во кој има една умерена рестрикција и понатаму комбинирана со индивидуалната одговорност резултатот дошол во смисла на тоа да немаше експоненцијален раст на бројот на ново дијагностицирани од вкупниот број направени тестови и немало така нагол прилив кон болниците за да се парализира здравствениот систем.

-Значи ние успеавме тоа да го изменаџираме и сега добро го менаџираме, има сосем доволен број на кревети. Кога споредуваме со пикот во месец ноември оние кревети кои се на располагање во Скопје, болнички се точно двојно повеќе, близу 400 од кои 130, 140 се веќе ангажирани, само тука во Клиничкиот центар. Други земји имаа многу порестриктивни мерки и се соочија со многу посилен бран од нашиот како едно сценарио и друго сценарио – после таквиот раст воведување некаква форма на карантин и дополнителна рестрикција на движење во однос на тоа што го имаме кај нас не даде резултат, туку бројките почнаа да растат, додаде Филипче.