Спуштена завесата во Бундес-лигата, Левандовски го сруши рекордот на Герд Милер

Актуелниот шампион на Германија Баерн Минхен со убедлив триумф над Аугзбург од 5-2 ја заокружи натпреварувачката 2020/2021 во Бундеслигата.

Ова беше меч кој донесе многу емоции затоа што истиот беше последен за Џером Боатенг, Давид Алаба и Хави Гарсија во дресот на „баварците“ како и за тренерот Ханси Флик.

На крајот шоуто на „Алијанц Арена“ беше затворено со погодокот на Роберт Левандовски во 90 минута, гол со кој беше срушен рекордот на легендарниот Герд Милер од сезоната 1971/1972.

За Полјакот ова беше 41 гол во сезоната со што испиша нова страница од историјата на германскиот фудбал.

Вердер Бремен пак загуби од Борусија Менхенгладбах со 4-2 и со тоа се испрати во втората германска лига. Имено Келн со доста мака го доби отпишаниот Шалке и со тоа си овозможи бараж за опстанок во елитната конкуренција.

Дарко Чурлинов ги одигра завршни 20 минути за Штутгарт кој претрпе пораз од Арминија со 2-0.