Новинар го обвини тренерот на Верона дека играле за Јуве и тој – збесна во живо (ВИДЕО)

Фудбалерите на Верона го направија најголемото изненадување во синоќешното последно коло од Серија А, откако иако немаа резултатски императив одиграа цврсти и машки и не му дозволија на Наполи (1-1) да ги совлада и да си обезбеди место во Лигата на шампионите (ЛШ), со што истовремено му помогнаа на Јувентус да стигне до ова натпреварување.

Токму поради ова, новинарот на Скај Спортс се обиде да го испровоцира тренерот на Верона по средбата, со прашање дали навистина одиграле за Јуве, со потенцирање дека неговиот тим денеска бил далеку подобар и порастрчан во однос на претходните неколку средби.

„Вечерва пресудивте кој ќе игра во ЛШ, па наместо Наполи таму го испративте Јувентус. Вашата Верона беше поинаква од изданијата во кои ја гледавме во последните недели. Колку ви беше тешко…“, го почна прашањето новинарот Масимо Уголини.

Но, тренерот Иван Јуриќ не му дозволи да ја доврши мислата.

„Веднаш на почетокот едно големо с*ање. Морате да ја почитувате Верона, не можете така да зборите за нас. Мора да покажете почит, тоа треба да ви биде јасно. И мора да ги одгледате сите мечеви на Верона оваа сезона. Нема да ви дозволам да завршите, бидејќи не ме почитувате“, објасни хрватскиот стратег.

Италијанскиот новинар некако успеа да го доврши прашањето.

„Не ми давате да го поставам прашањето. Факт е дека Верона вечерва играше далеку поинаку од досега“, праша Уголини.

Тоа само придонесе Хрватот целосно да побесне.

„Доста, ве напуштам. Вие не земавте в предвид во каква ситуација беше Верона во последно време. Немате почит, сѐ покажувате погрешно и грдо. Нашата екипа секогаш давала сѐ од себе. Само во Италија може вака да се сомнева. Мора да ми се извините поради вашето срамно однесување. Веднаш да ми се извините!“, викаше Јуриќ додека го напушташе кадарот на телевизијата.

Ремито на Верона му овозможи на Јуве да го престигне Наполи и да дојде до чудо, а тоа е место во ЛШ.