Спортистките можат да ги понесат своите бебиња на ОИ во Токио

Канадската кошаркарка Ким Гушер извојува победа во битката да биде покрај своето тримесечно бебе за време на настапите со националниот тим на претстојните Олимписки игри во Токио.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) соопшти денеска дека сите спортистки, кои се мајки и дојат, ќе можат да ги понесат своите бебиња на Олимпијадата.

Иницијативата ја поведе 37-годишната канадска кошаркарска репрезентативка, која предупреди дека е принудена да избира дали ќе учествува на Игрите, или ќе мине 28 денови во Токио без својата ќерка.

-Јапонските навивачи ќе бидат присутни на трибини, исто како и спонзорите, додека јас ќе морам да бидам одвоена од своето бебе, изјави Гушер.

Кошаркарката ја дозна радосната вест од својот сопруг додека тренираше со своите репрезентативни колешки.

-Пресреќна сум и благодарна на сите луѓе кои ми помогнаа во оваа битка. Верувам дека е донесена вистинска одлука за сите жени вклучени во спортот. Беше потребно малку време, но важно е дека е направен чекор напред, порача Гушер. (МИА)