ДИК: Граѓаните со попреченост ќе можат потписи да дадат и пред нашите канцеларии

Државната изборна комисија (ДИК) денеска соопшти дека со цел овозможување на целосно остварување на правата на сите граѓани кои сакаат да дадат поддршка за некоја независна листа во постапката за собирање на потписи, вработените во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата што се сместени во простории каде нема услови за пристап на лица со попреченост, се задолжуваат да им овозможат на овие лица да го остварат ова право надвор од просторијата односно пред објектот каде што се наоѓа канцеларијата на ДИК.

Во Подрачното одделение на ДИК во Карпош, во влезната врата на објектот, ставена е пристапна рампа која ќе овозможи пристап во објектот.

Во текот на 2017 година ДИК во соработка со Здруженија за правата на лицата со попреченост направи проверка на објектите каде се лоцираат избирачките места и врз основа на истите беа изнесени податоци за нивната пристапност.

Во наредниот период, ДИК најавува дека ќе направи дополнителни проверки за состојбата на објектите што се користат за избори, со цел да се добијат податоци каде треба да бидат ставени на користење пристапните рампи со коишто располага ДИК, но и да се утврди дали има потребата за набавка на дополнителни пристапни рампи.

-Во однос на определувањето на објекти што ќе се користат за избори, ДИК за секој изборен процес им се обраќа на единиците за локална самоуправа, при што сугерираме да се внимава определените објекти да овозможат целосен пристап за сите гласачи, посочуваат од Комисијата.

Напомнуваме дека согласно член 25 став 1 од Изборниот законик, Собранието, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за труд и социјална политика, Државниот завод за статистика и Службата за општи и заеднички работи на Владата и нивните подрачни единици, како и општините и градот Скопје, се должни на органите за спроведување на изборите да им обезбедат технички, просторни и други услови за работа, се наведува во соопштението.