Заштитната маска нема повеќе да биде задолжителна во Белгија

Министерскиот совет кој се одржа попладнево донесе одлука дека носењето заштитна маска во затворени простории нема повеќе да биде задолжително, јави дописничката на МИА од Брисел.

И покрај предупредувањата на научниците, владата денеска сепак одлучи да го следи примерот на соседни земји како Холандија и да ја укине обврската за заштитна маска на затворено, со исклучок на јавниот превоз, здравствените установи и вработените во супермаркети, ресторани, културни установи.

Сепак федералната влада им остава слобода на секој од регионите да донесат построги мерки за маските доколку оценат дека е потребно.

Владата попладнево даде зелено светло за повторно отворање на дискотеките од први октомври, но со низа протоколи за проветрување и заштита кои ќе им бидат дополнително поднесени на сопствениците пред да отворат.

Регионалните власти се слободни да воведат обврска за Ковид сертификат за влез во дискотеки и други објекти. Таков е случајот со Брисел каде од први октомври за влез во кафулиња, ресторани, клубови, молови и културни настани клиентите ќе треба да носат со себе Ковид сејф тикет, односно потврда дека се целосно вакцинирани, дека имаат негативен тест на коронавирусот или доказ дека ја прележале болеста во последните шест месеци. (МИА)